„ИМАМ СТАВ!“ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИ


Учесници на едукативната активност „Имам став!“ се ученици од средно образование, кои доаѓаат од еден клас од средно училиште во државата. „Имам став!“ претставува симулација на процесот на разгледување предлог-закон во Собранието, која ги стимулира учениците да развиваат сопствени ставови во врска со актуелни политички теми и истите да ги бранат со аргументи пред останатите учесници, со цел изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатено и поддржано од мнозинството. Истата е подготвена по примерот на едукативната активност „My Point of View“, организирана од страна на Сојузниот парламент на Швајцарската Конфедерација. Активностите поврзани со „Имам став!“ започнуваат во училиштата, каде под водство на наставниците-ментори се одржуваат три состаноци, на кои учениците, поделени на три комисии, дискутираат за одреден политички проблем и за истиот треба да понудат решение, кое ќе треба да го одбранат пред останатите учесници. Едукативната активност завршува во Собранието, каде се одржува симулација на пленарна седница, при што учениците расправаат и одлучуваат во однос на понудените решенија за секоја од избраните теми. Како дел од активноста, учесниците имаат можност низ организирана обиколка да ги разгледаат најрепрезентативните простории од зградата на Собранието, како важно обележје на македонската државност. За реализација на оваа активност потребни се серија подготовки. За таа цел, претходно се организира работилница на која наставниците се стекнуваат со потребните вештини и знаења за спроведување на активноста и успешно менторирање на учениците. Овој тип на работилници се наменети за ученици од III и IV година средно образование, кои во рамки на наставните предмети изучуваат содржини поврзани со управувањето со општеството и власта во Република Северна Македонија.

Повеќе информации на нашиот Facebook профил.

  • Идни настани